Отворен Балкан дава резултати- велат Ковачевски, Вучиќ и Рама
Премиерот Ковачевски во Верона на средба со српскиот претседател Вучиќ и албанскиот колега Рама. Трите земји заеднички се претставуваат на меѓународниот вински саем во Верона. Македонскиот премиер оцени дека економската иницијатива Отворен Балкан ги покажува резултатите и оти помага регионот да се развива по европски стандарди. Од летово, граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, а ќе се прави и тест – на еден ден ќе се отворат границите…

Отворен Балкан претставен надвор од регионот. Македонскиот и албанскиот премиер, Ковачевски и Рама, и српскиот претседател Вучиќ заедно на меѓународниот саем на вино „Винитали“ во Верона, каде што трите држави имаат заеднички штанд.
Ова е доказ дека Отворен Балкан дава резултати за луѓето и за бизнисот и не е само политичка иницијатива, туку е економска, и базирана на истите принципи како и слободната трговија во Европската унија. Регистрирана е зголемена трговска размена во сите три земји од 25 проценти.
На состанокот била нагласена потребата за олеснување и забрзување на протокот на стоки со воведување на зелена лента на граничните премини. Договорено е од летово, граѓаните на Македонија, Србија и Албанија да можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи.
„Во споредба со 2019-та, трговијата на Северна Македонија и Србија се зголеми за 53 отсто, а трговијата на Србија со Северна Македонија за повеќе од 30 проценти. Постигнат е раст на трговската размена и со Албанија и во извозот и во увозот“, нагласи премиерот Ковачевски.
„Трговската размена меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија во 2022-та порасна на 24,8 отсто, што е огромен раст и е резултат на проектот Отворен Балкан. Отворен Балкан е исклучителен важен за трите земји, и го сметаме за комплементарен со Берлинскиот процес“, додаде албанскиот премиер, Рама.
„Најголема пречка за нас во Западниот Балкан се границите, зашто камион што пренесува некој вид на стока, само 30 проценти минува во возење, а 70 проценти чека на граници“, нагласи српскиот претседател, Вучиќ.
Рама, Вучиќ и Ковачевски разговараа за можни идни активности како Отворен Балкан, со младински камп, саеми на храна, филмски фестивал и за можноста за отворање на границите меѓу трите држави.
Ирина Гелевска
