Комората на проценувачи ќе поднесе амандмани на законот за вештачење, обвинува дека се врши упад во нивната работа
Комората на проценувачи ќе поднесе амандмани на предложениот закон за вештачење. Оттаму обвинија дека се врши упад во нивната работа и се создава хаос на штета на граѓаните и компаниите. Според комората, на Бирото за проценка му се даваат надлежности со кои му се гарантира монополска положба во однос на овластените проценувачи …

Не го укинале до 2019-та година согласно обврските кои ги презеле пред Европската унија, па сега властите Бирото за вештачење сакаат со закон да го претворат во Биро за проценување, реагираат од Комората на проценувачи.
Неколкуте проценувачи од бирото не подлежат на кривична одговорност на која се изложени за секоја своја постапка проценувачите од комората. Доколку помине овој закон, предупредуваат ќе настане хаос во општеството, поради тоа што проценувачите кои ќе ги ангажира бирото нема да подлежат на ревизија и санкции и нема да сносат никаква одговорност за проценките. Заради таквата комоција, веројатни се многу штетни дејствија поради кои ќе страдаат граѓаните, стопанството и целата држава.
Недозволиво е еден државен орган како бирото кое е под ингеренции на Министерството за правда да ангажира вештаци за судските постапки. Затоа, независните проценувачи треба да се ангажираат и да се избегне монополската положба која ќе ја добие бирото доколку мине законот во Собрание.
Од комората ќе се обидат преку амандмани да ги одвратат од намерата пратениците в петок да го усвојат овој закон. Доколку не се случи тоа, тие правдата ќе ја бараат пред Уставниот суд.
Фиљана Кока
