БОАО ФОРУМ ЗА АЗИЈА 2023:

Силен економски раст и опоравување на светската економија

02.04.2023 16:38

Повеќе од 100 светски лидери и високи функционери од целиот свет, како и шефови на единаесет региoнални и меѓународни тела се состанаа во Боао, кинеската провинција Хајнан, на Годишната конференција на Боао Форумот за Азија – 2023...

Сите очекувања во светот во моментов се насочени кон Азија и Кина, којашто е главен двигател и поттикнувач на глобалното економско закрепнување по Ковид пандемијата. Токму економската иднина и предизвиците беа доволна причина, традиционално да се собре азиската политичка и економска елита во Боао, со цел да се исцртаат новите текови на азиската и светска економија. Повеќе од 100 светски лидери и високи функционери од целиот свет, како и шефови на единаесет региoнални и меѓународни тела се состанаа во Боао, кинеската провинција Хајнан, на Годишната конференција на Боао Форумот за Азија – 2023, кој беше отворен во четвртокот. Светските лидери кои присуствуваа на Конференцијата повикаа на соработка и обновена акција со цел да се одговори на глобалните предизвици, притоа истакнувајќи ја движечката улога на Кина во светската економија.  

„Во свет кој постојано се менува, полн со несигурности, луѓето имаат очајна потреба од силна сигурност со цел да се движат кон подобра иднина. Сигурноста на Кина е потпора што ги штити светскиот мир и развој“, истакна кинескиот премиер Ли Чијанг на церемонијата на отворањето на Годишната конференција на Боао Форумот за Азија. „Кина ќе се придржува до реформите, отворање и развој водени од иновациите, без разлика како ќе се менува светот“, потенцираше Чијанг.

„Глобалната економија веќе подолго време е во немирни води, доживувајќи шокови од повеќе фактори, вклучително и пандемијата, како и беснеењето на регионални воени конфликти. Но, секој облак има сребрена облога“, рече поранешниот Генерален секретар на ОН Бан Ки-мун. „Азија во развој останува најдобрата надеж и главен двигател на глобалниот раст. Во комбинација, тие ќе придонесат 75 отсто во глобалниот раст. Само Кина и Индија се очекува да придонесат половина од тоа.“

Растот на реалниот БДП на Азија во 2023 година се проценува на 4,5 проценти, што е зголемување од 4,2 проценти за 2022 година, се вели во извештајот објавен од Боао Форумот. Економскиот раст на Кина се движи по нагорна линија. Конкретно, клучните економски показатели како што се потрошувачката и инвестициите продолжуваат да се подобруваат, а вработеноста и цените се генерално стабилни.

Кинескиот премиер Ли Чијанг повтори дека Кина има „способност да ја унапреди кинеската економија за да ги скрши брановите, да одржува стабилност и одржлив раст и да даде резултати во светскиот економски развој.“

На церемонијата на отворањето, премиерот на Сингапур, Ли Хсиен Лoнг истакна дека: „Во пост - Ковид, го охрабруваме заживувањето на инвестициските, трговските и туристичките текови и со нетрпение очекуваме да учествуваме во нови можности за раст во динамичната кинеска економија“.

Иницијативата „Појас и пат“, која беше предложена од Кина во 2012 година, придонесе до исклучителна моќност и зајакнување на економските врски низ целиот свет, и токму оваа иницијатива беше една од главните теми на Конференцијата во Боао. Статистиката покажува дека во текот на изминатата деценија, 151 земја и 32 меѓународни организации се приклучија на економската траса „Појас и  пат“, во која се планирани над 3.000 проекти за соработка, создавање околу 420.000 работни места во земјите долж рутите, како и избавување на повеќе од 40 милиони луѓе од сиромаштија.

Боао Форумот или т.н „Источен Давос“ -  е главна платформа за потпишување важни договори, координирање на позициите меѓу претставниците на деловните и владините кругови на азиските земји и останатите региони во светот.

 

Диме Ратајкоски