Сцена

Почина Рјуичи Сакамото, еден од најзначајните јапонски композитори

02.04.2023 18:06

Како член на „Јелоу меџик оркестра“, заедно со Харуоми Хосоно и Јукихиро Такахаши, Сакамото создаваше прогресивена електронска поп-музика кон крајот на седумдесеттите и раните осумдесетти години на минатиот век. За својата работа во оваа група, но и за своите солистички проекти, тој е добитник на бројни престижни награди, меѓу кои и Оскар, Греми и БАФТА.

Познатиот јапонски композитор и продуцент Рјуичи Сакамото почина на 71 година, две години откако повторно му беше дијагностициран рак на дебелото црево. Неговиот менаџмент соопшти дека тој починал во вторникот, по долга и тешка борба со болеста.

Како член на „Јелоу меџик оркестра“, заедно со Харуоми Хосоно и Јукихиро Такахаши, Сакамото создаваше прогресивена електронска поп-музика кон крајот на седумдесеттите и раните осумдесетти години на минатиот век. За својата работа во оваа група, но и за своите солистички проекти, тој е добитник на бројни престижни награди, меѓу кои и Оскар, Греми и БАФТА.

Неговиот придонес е голем и во светот на филмот. Глумеше покрај Дејвид Боуви во „Среќен Божиќ, господине Лоренс“ и напиша музика за повеќе од 100 филмови и серии. За „Последниот кинески цар“ освои Оскар и Златен глобус во 1988, како и Греми следната година.

Сакамото е роден во Токио, Јапонија, во 1952 година. Тој почнал да зема часови по пијано на шестгодишна возраст, а подоцна се запишал на студии во Универзитетот за уметности во Токио за да студира музика.

Во својата рана младост, тој бил воодушевен од сè – од Клод Дебиси до „Крафтверк“ и почнал да работи на повеќе музички проекти.

За време на својата соло кариера, тој соработуваше со голем број музички имиња – Иги Поп, Роберт Вајат, Лори Андерсон, Дејвид Силвијан и многу други значајни имиња во музичката индустрија.