Македонија

Костадиновска-Стојчевска: „Првите кралеви на Европа“ ја ставаат земјава во фокусот на ексклузивен културен настан во Северна Америка

03.04.2023 09:47

Филдовиот музеј во Чикаго го најави големото отворање, што се одржа на 31 март, на, како што велат, својата специјална изложба „Првите кралеви на Европа“, во која со свои раритетни предмети од неолитот учествува и Северна Македонија...

Филдовиот музеј во Чикаго го најави големото отворање, што се одржа на 31 март, на, како што велат, својата специјална изложба „Првите кралеви на Европа“, во која со свои раритетни предмети од неолитот учествува и Северна Македонија.

Овој престижен музеј ги повикува посетителите да нурнат во историјата преку артефактите кои за првпат се претставуваат на едно место, и да патуваат назад во 5000-те година пред нашата ера до железното време за да осознаат како воините се претворија во кралски членови и засекогаш ја променија структурата на општеството.

Македонските претставници на оваа ексклузивна збирка од 700 предмети, координирана од Гоце Наумов, доаѓаат од НУ Завод и музеј – Битола, НУ Музеј – Гевгелија и НУ Завод и музеј – Прилеп.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, го честита овој успех на македонската археологија: „Голема привилегија е што имаме 20 предмети од предисторијата кои се поставени во витрините и се претставени во виртуелната прошетка за првите кралеви и кралици на Европа, покажувајќи ги растежот и менувањето на цивизациите, до последните артефакти на овој проект што ги покажува историјата и културата на балканските земји“.

Со оглед на тоа што во овој сложен проект учествуваат повеќе институции од двата континента, Костадиновска-Стојчевска додава: „Оваа ексклузивна изложба ни покажа колку е важна инаституционалната соработка во регионот, но и соработката со партнерските институции и фондации во Северна Америка за реализација на ваков проект, кој по своето значење секако ќе остави трајни научни и културолошки вредности за идните генерации“.

Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е реализирана со поддршка од Амбасадата на САД, која и овојпат покажа големо разбирање за афирмацијата и заштитата на културното наследство на земјава.

Од Филдовиот музеј информираат дека Вилијам Паркинсон, куратор на оваа изложба, рече: „Изложбата беше спроведена во партнерство со 11 земји, на кои им се приклучија Соединетите Американски Држави и Канада, и 26 различни музеи. Многу од културните предмети никогаш не биле изложени надвор од нивните земји на потекло, а некои никогаш не биле изложени. Изложбата ‘Првите кралеви на Европа’ е единствена можност да се видат овие културни објекти на едно место“. Паркинсон додаде дека изложбата „зборува за еволуцијата на нееднаквоста. Но, исто така, за еволуцијата на лидерството и луѓето кои, всушност, станаа владетели во тие општества“.