Бугарија

ГЕРБ на Борисов со најголем број гласови на изборите во Бугарија

03.04.2023 12:45

Коалицијата ГЕРБ – СДС освои најмногу гласови на парламентарните избори во Бугарија, 29,91 проценти. На второ место е Продолжуваме со промената – демократска Бугарија со 21,14 насто од гласовите. Во Националното собрание влегуваат шест политички формации. Од бугарското МВР велат дека изборниот ден поминал мирно, без посериозни инциденти, но во изборните списоци често има лица познати на полицијата кои се занимаваат со практики на купување гласови...

Ќе успее ли Бугарија да формира влада? Резултатите од предвремените парламентарни избори, петти во две години, покажуваат дека најмногу гласови освоила коалицијата ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, со освоени над 26,5 отсто од гласовите, околу 2 процента повеќе од блокот на Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија, предводен од Кирил Петков. Преродба е трета, а четврто е Движење за права и слободи, пред БСП и „Има таков народ“. Ваквите резултати повторно отвораат многу дилеми дали воопшто ќе се успее да се формира политичка влада.

„Изборниот процес заврши без посериозни инциденти. Предистражните постапки на овие избори се двојно повеќе во однос на претходните. Но, овие практики не влијаеја значително на резултатите од изборите“, изјави Иван Демерџиев, министер за внатрешни работи на Бугарија.

Од Министерсвото за внатрешни работи велат дека во изборните списоци често има лица познати на полицијата кои се занимаваат со практики на купување гласови.

„Поведени се 143 предистражни постапки што е за речиси 90 насто повеќе од претходните избори. Не беше дозволено масовно купување гласови, напротив има намалување“, рече Петар Тодоров, генерален секретар на МВР.

По претходните изборни циклуси ниту една партија не можеше да обезбеди мнозинство, ниту да формира стабилна влада. Анкетите покажаа дека речиси половина од избирачите поддржуваат коалиција Борисов – Петков за да се излезе од политичката криза.

 

Маријана Димовска