словенија

Ковачевски од Словенија: Северна Македонија припаѓа во ЕУ, Владата ја има словенечката поддршка

03.04.2023 13:09

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Република Словенија, Роберт Голоб денеска во Љубљана потпишаа заедничка декларација за зајакната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, по што одржаа и заедничка прес-конференција, на којашто е оценето дека денешните средби и потпишаната Декларација сè уште еден јасен одраз на искреното, долгогодишно и цврсто пријателство и партнерство меѓу двете држави, како и патоказ за натамошната соработка...

Република Северна Македонија, како што посочи премиерот Ковачевски, покажа дека знае и може активно да придонесува во регионалната стабилност и перспективи, преку политиките на еднакво општество за сите на домашен план и со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст, притоа, поставувајќи се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, со што покажа континуитет во поддршката на европските вредности.

Поддршката на Словенија на патот на Северна Македонија кон ЕУ, како што констатираше премиерот, не е само политичка и декларативна, туку конкретна и практична, нагласувајќи ја важноста на словенечката техничка поддршка за зајакнување на административните капацитети на државата во областа на евроинтеграциите, посебно во делот на усогласување на законодавството на Северна Македонија со законодавството на ЕУ и неговата имплементација.

Зајакнувањето на развојната соработка, како што рече премиерот, продолжува со заедничка работа во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан и отворањето перспективи за младите, со зајакнување на културната размена и соработката во науката и високото образование коишто се на напредно ниво, како и посебно, со унапредување на соработката во областа на економијата.

Потенцијал за соработка, како што оцени премиерот Ковачевски, има и во областа на телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот, дигитализацијата, овозможување директни летови меѓу двете земји.

„Посебно ме радува што во моментов има околу 1.500 студенти од Северна Македонија на редовни додипломски и магистерски студии на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Љубљана. И лично, а и во Владата, посакуваме овие студенти, по завршувањето на студиите да се вратат во Северна Македонија и да го применат стекнатото знаење.

Европските услови за живот се потребни како за младите луѓе, така и за сите наши граѓани и уште еднаш, благодарност до Вас, пријателе Голоб, до Владата на Словенија и до граѓаните на Република Словенија, да го задржиме курсот на европскиот пат и со динамичен реформски процес, да го осигуриме членството во Европската Унија, што ние веруваме дека е возможно да се случи до 2030 година“, рече премиерот Ковачевски.

Словенечкиот премиер, Голоб, на прес конференцијата оцени дека Словенија и Северна Македонија се на иста линија и нè соединуваат одлични билатерални односи и меѓу народите.

За таа цел, како што рече премиерот Голоб, Словенија е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, со можности за зголемување на трговската размена, ги посочи студентите од нашата држава кои студираат во Словенија, како мост за соработката, а Словенија го поддржува и развојот на Северна Македонија и во други области од важност за граѓаните.

Словенечкиот премиер порача дека процесот на пристапните преговори, што започна лани, не смее да запре и ја нагласи поддршката за натамошниот тек на евроинтеграциите.

Во одговорите на новинарските прашања, премиерот Голоб нагласи дека Северна Македонија е дел од Европа, дека премногу чекаше на интегрирањето во ЕУ „и денес е на точка кога процесот се помести и мора да направиме сè овој процес да не запре никогаш повеќе“.

Премиерот Голоб изрази очекување дека ќе надвладее разумот кај сите политички субјекти во Северна Македонија, затоа што ова прашање не е од партиски карактер, туку станува збор за „историска можност којашто има врска со иднината“, како и изрази очекување дека до ноември ќе се исполнат сите услови и во декември ќе се утврди дека Северна Македонија ќе може да продолжи со преговорите со ЕУ.

Премиерот Ковачевски го посочи значењето на геополитичкиот момент и поставувањето на Северна Македонија, како и секогаш, на вистинската страна на историјата, дека државата обезбеди единство дома, ги затвори и сите отворени прашања со соседите, стана членка на НАТО и дека, како што нагласи премиерот „после секоја голема и државничка одлука, нашата држава излегувала посилна и понапредна“.

Тоа што е пред нас, како што рече премиерот е носењето уставни измени, коишто се дел од преговарачката рамка и после нив државата исто така ќе излезе посилна бидејќи следува отворање на кластерите и преговори со ЕУ за полноправно членство.

При тоа се изразени очекувања од двата премиера дека има свесност кај сите држави од регионот за потребата од проевропско функционирање во интерес на стабилноста.