Трибина во МНТ по повод 78 години од првата премиера
78 години од првата премиера во Македонскиот народен театар, испратена порака дека мора многу повеќе да се вреднуваат домашните автори, да се раскажуваат свои, не туѓи приказни. На сцената на МНТ од почетоците до денес, поставени се над 400 претстави, од кои повеќе од 100 се дела на македонски автори...

Ниту еден театар во светот не може да постои ако го нема домашниот автор, ние можеме да ги рециклираме туѓите приказни и да ги прераскажуваме, но она што ни е важно е сопствениот идентитет и минато, но и патеката кон иднината, а тие почнуваат со Македонскиот драмски автор.
Никако не може да се зборува за национален театар, без да се зборува за важноста на националната драма, став на македонските режисери и драматурзи.
Прашањето што треба да си го постави секој режисер е зошто нема интерес за македонската драма, односно зошто тргаме да раскажуваме туѓи приказни, наместо свои.
На сцената на Македонскиот народен театар од почетоците до денес, поставени се над 400 претстави. Над 100 се дела на македонски автори. Најигран македонски автор е Коле Чашуле, одиграни се 10 претстави од 7 негови текстови.
Други значајни автори чиишто текстови се поставувани на сцената на македонскиот народен театар се Васил Иљоски, Ристо Крле, Живко Чинго, Антон Панов, Војдан Чернодрински, Јордан Плевнеш, Горан Стефановски, Венко Андоновски и многу други.
Александра Спировска
