Лошата хидролошка состојба ќе ги намали површините под ориз
За илјада хектари се намалуваат површините под ориз во кочанско, заради лошата хидролошка состојба. Наместо планираните три ипол илјади хектари, вода има за само две ипол илјади. Оризопроизводителите очекуваат деновиве да бидат информирани кои површини ќе останат суви и бараат наводнувањето да започне на време за да не доцни сеидбата...

За илјада хектари се намалуваат површините под ориз во кочанско, заради тоа што нема доволно вода во акумулациите Калиманци и Гратче за наводнување на планираните три ипол илјади хектари. Акумулацијата Калиманци во моментот е со 81 милион метри кубни вода, 35 милиони помалку од овој период минатата година.
Од кочанската подружница на Водостопанство „Брегалница“, велат дека од врнежите во наредните десеттина дена ќе зависи дали ќе се подобри состојбата. Оризопроизводителите апелираат на време да се пушти вода во системот, за да не се повтори минатогодишното задоцнето наводнување на околу илјада хектари, што резултираше со намален род.
Од АД Водостопанство „Брегалница“ – Кочани, уверуваат дека финишира чистењето и санацијата на каналската мрежа долга 250 километри и дека наводнувањето ќе стартува после велигденските празници.
Земјоделците бараат до крајот на неделата водостопанство, да го објави планот за наводнување и да се прецизираат површините кои нема да се наводнуваат.
Славица Величковска
