Куманово

Куманово: Уништена урбана опрема и детско катче

03.04.2023 14:39

Речиси целосно е уништено детското катче, но и урбана опрема на локалитетот Спомен-костурница. Во Куманово ова не е прв случај несовесни граѓани да уништуваат клупи, канти за отпадоци, па дури и спортски терени. Пред извесен период во Соколанскиот парк за само една вечер беа уништени над 30 клупи...

Уништена урбана, опрема за детско катче, но и спортскиот терен на локалитетот Спомен-костурница во Куманово. Несовесни граѓани за краток период ја уништија опремата која ја постави општината, набавена од прекуграничен проект. Кумановци велат дека е срамно по само неколку месеци да гледаме вакви слики.

„Жално е треба да се придонесува и уредува за овие дечиња да имаат каде да се играат“, вели една граѓанка.

„Тие се таква култура и ги уништуваат а убаво е за сите, да седнеме на клупите да одмориме“, нагласува друга кумановка.

„Новите клупи се скршени, имаме случаи каде се носат на приватни имоти, и би го вклучил факторот граѓани преку навремено информирање на надлежните органи да можат да се преземат мерки“, дополнува трет граѓанин.

Од општината бараат од граѓаните да не ја уништуваат новата опрема.

„Ова што се инвестира се граѓански, наши пари, да не се уништува, општината пак ќе најде начин да постави, но не е само работа да се уништува, но свеста ни е на многу ниско ниво“, изјави претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

Неодамна беа уништени и клупите и кантите за смет во централното подрачје.

Ова не е прв случај на уништување урбана опрема и игралишта во Куманово. Пред извесен период во Соколанскиот парк за само една вечер беа уништени над 30 клупи. Сторителите не беа откриени.

 

Елена Георгиевска