Комисијата на МЗ не утврди грешки при третманот на малата Jана во битолската болница
Преземени биле сите чекори согласно медицината, базирана на докази и клиничката слика на пациентот. Утврдила комисијата формирана од Министерството за здравство, која изврши стручен надзор во болница. Од анамнезата има податок дека Јана прележала ковид пред шест месеци...

Нема пропусти во третманот при давањето на лекарска помош на шестгодишната Јана од Битола – утврдила комисијата формирана од Министерството за здравство, која изврши стручен надзор во болница. Преземени биле сите чекори согласно медицината базирана на докази и клиничката слика на пациентот. Од анамнезата има податок дека Јана прележала ковид пред шест месеци.
„По направените лабораториски анализи наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа mb, во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин“, пишува во соопштението на Министерството за здравство.
Извештајот од комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до јавното обвинителство. Таму пак сè уште не е пристигнат обдукцискиот наод, кој пак треба да покаже која е причината за смртта на девојчето.
„Наодот од обдукцијата сè уште не е пристигнат, бидејќи за дел од анализите кои треба да се извршат е неопходно повеќе време за нивна изработка. Во меѓувреме надлежниот јавен обвинител презема други дејствија на проверки“, велат од Јавното обвинителство.
Контрола во болницата направија и од државниот санитарен и здравствен инспекторат, според нив не се констатирани пропусти. Шестгодишната Јана почина пред десетина дена во битолската болница. Голем број граѓани протестираа во Скопје и во Битола од каде порачаа доста е нефункционалноста, партизацијата и лошите услови во здравствениот систем.
Андријана Ѓурческа
