Анализа

Бугарија е во иста позиција како пред две години, велат аналитичарите

03.04.2023 16:24

И погледот на Скопје е вперен кон Софија. Дипломати оценуваат дека иако е посакувано соседот да добие стабилна политичка влада за да продолжи дијалогот, сепак, тешко е да се каже дали тоа ќе се случи, оти земјата сега е во иста позиција како пред две години. Опцијата е или нови избори или малцинска влада…

По петтите парламентарни избори сè поизвесно е дека Бугарија нема да формира стабилна влада, сметаат домашните аналитичари. Професорот Ружин смета дека епилогот од гласањето води кон нови избори или евентуално формирање малцинска влада. Ружин анализира дека е посакувано соседот да има стабилна влада за да продолжи дијалогот и да се работи на добрососедските односи, но потсетува дека нашиот европски пат не зависи од случувањата во Бугарија, бидејќи како што вели, земјава има заокружена рамка кога станува збор за евроинтеграциите и преговорите со Брисел.

И професорот Наумовски смета дека изборите не носат поместување, а Бугарија продолжува да егзистира во состојба во која ќе биде многу тешко да се формира стабилна политичка влада, по што веројатно државата до крајот на годината ќе оди на нови избори. И тој смета дека нам повеќе ни одговара соседот да има стабилна политичка влада со која ќе можеме отворено да разговараме.

И Наумовски и Ружин се на став дека кога станува збор за односите со Софија, партиите на Петков и на Борисов имаат поумерен став и се проевропски и една таква коалиција би била за нијанса подобра за напредок на решавањето на отворените прашања.

Анита Димитријевска-Велковска