Тренчевска: Ја зацврстуваме вредноста на инклузијата како наша највисока цел
Тренчевска заедно со претставниците на Светска Банка, го посетија Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет", Охрид.

По повод 2 април Денот за подигање на свеста за лицата со аутизам, денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со претставниците на Светска Банка, го посетија Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет", Охрид.
„Наша должност, како општество е да не забораваме ниту еден член на нашата заедница. Различностите не треба да бидат пречка, туку можност да се истражи потенцијалот што секој поединец го носи во себе и на таков начин да направиме простор да ги искаже секој од нас своите посебности и вештини. Денес, ден по 2 Април на Меѓународниот ден за подигнување на свеста за лицата со аутизам, ми претставува особена чест да истакнам дека ги остваруваме нашите заложби за едно општество за сите, за еднакви права и можности за сите наши граѓани и повторно ја зацврстуваме вредноста на инклузија како наша највисока цел и да потврдам уште еднаш дека нашите заложби се секојдневни, не само на деновите кои се наменети за обележување“ порача Тренчевска.
Министерката се осврна на политиките и активностите на кои работи министерството, како зголемувањето на паричниот надоместок на посебниот додаток за 15%, намалување на границата на користење на трајниот надоместок, а за услугата лична на асистенција, покрај намалената возрасна граница, корисници на услугата лична асистенција, се и лица со комбинирана попреченост доколку истата е врз основа на една од попреченостите.
Како Министерство секојдневно ја шириме мрежата на даватели на социјални услуги, рече Тренчевска, со што ја зголемуваме бројката на лиценцирани даватели на социјални услуги. Досега се лиценцирани повеќе од 80 даватели, а склучени се 25 управни договори со овластени даватели на социјални услуги.
Таа се осврна и на реконструкцијата на Јавната установа Завод за рехабилитација на деца и млади во Скопје која е на својот почеток, а во ново-оформениот Центар за социјални услуги предвидени се услуги за рана идентификација и интервенција, дневни центри, професионална рехабилитација и центар за одмена на семејната грижа. Отворени се и инклузивни игралишта, во повеќе градови во државата со поддршка на меѓународната заедницата кои ќе придонесат за сигурен, безбеден и квалитетен живот на децата со попреченост.
