Иванов: Оваа генерација заслужува да биде дел од Европа и НАТО
Иванов истакна дека и натаму стоиме на вредностите што пред речиси седум децении доведоа до пад на фашизмот и до создавање предуслови за обединување на Европскиот континент.

Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, 9-ти мај се одбележуваат и во Макеоднија, со воено дефиле на единиците на АРМ, во касарната „Илинден“.
Се обрати претседателот на државата и врховен командант Ѓорге Иванов, кој рече дека денешниот настан е уште една потврда дека АРМ е подготвена да го заземе своето место во НАТО алијансата.
Иванов истакна дека и натаму стоиме на вредностите што пред речиси седум децении доведоа до пад на фашизмот и до создавање предуслови за обединување на Европскиот континент.
„Избирајќи го вистинскиот пат онака како што беше направено во Втората светска војна оваа генерација заслужува да биде дел од Европа и дел од прогресивниот и напреден свет како земја со демократски и економски просперитет. Сите пречки кои се од несуштинска природа и кои немаат ништо заедничко со вредностите над кои е изграден современиот демократски свет нема да не спречат да дојдеме до нашата цел“, е пораката што ја упати претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија Ѓорге Иванов по свеченото дефиле на единиците на АРМ во скопската касарна „Илинден“.
Честитајќи им го 9-ти мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот на припадниците на АРМ и на присутните воени акредитирани аташеа во земјава, како и на останатите граѓани, Иванов изрази уверување дека тие ќе продолжат да работат според трите вредности што ги одбележаа, како што рече, овие децении: патриотизам, постојаност и професионализам.
