Основниот суд Кичево се соочува со недостиг на судии
Наместо потребните 17 согласно систематизација, Основниот суд во Кичево работи само со седум судии. Секој од нив има над 500 предмети во постапка, а граѓаните за пресуда чекаат предолго. Судскиот совет на последната седница донесе одлука за вработување на тројца судии во Основниот суд Кичево, но според адвокатската комора тие не се доволни за непречено функционирање...

Во кичевскиот суд недостигаат судии. Наместо потребните 17 согласно систематизација, Основниот суд во Кичево работи само со седум судии.
Ваквата состојба ја отежнува функционалноста и ажурноста на судот, бројот на предмети е голем, не се решаваат брзо и навремено, велат од Адвокатската комора. Дополнително загрижува тоа што уште тројца судии заминуваат во пензија.
„Моментално судов функционира само со седум судии, од кои тројца од месец септември заминуваат, така што судот во граѓанските предмети ќе функционира само со претседателот на судот и ќе има тројца судии што ќе судат кривични предмети“, вели Хамдије Адеми Тафа потпретседателка на адвокатска комора.
Секој судија има над 500 предмети во постапка, а граѓаните се револтирани за пресуда чекаат предолго.
„Нашите клиенти се жалат за предметите и се во право, бидејќи се одолговлекува предмет поради тоа што судијата не може да го закаже предметот во законски рок и нормално има жалби од страна на клиентите“, вели Адеми.
Судскиот совет на последната седница донесе одлука за вработување на тројца судии во Основниот суд Кичево, но тие не се доволни. Адвокатската комора даде предлог за измени во законот, судии да може да бидат и искусни адвокати.
Соња Рилковска
