Трамп на прво сослушување во Њујорк
Поранешниот американски претседател Трамп допатува од Палм Бич, Флорида во Њујорк на првото сослушување во судот. Истрагата се однесува на исплатени 130 илјади долари на порно актерката Сторми Даниелс за прикривање на нивната афера. Трамп тврди дека е под политички прогон, продолжува со кампањата за претседателските избори во 2024 година.

Засилено полициско обезбедување во Њујорк пред првото сослушување на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Тој е под истрага за поткуп на порно актерка во замена за медиумски молк за нивната афера пред изборите во 2016 година. Трамп и натаму ја негира и бара оставка од јавниот обвинител Алвин Брег.
Викендов 45. претседател интензивно се подготвуваше со својот правен тим, кој е против фотографирање и радиски пренос на рочиштето. Судијата Хуан Мерчан дозволи влез на петмина фотографи пред стартот, а камерите имаат пристап само во ходниците на објектот.
„Се подготвува за битката. Веруваме дека се води политички прогон, и мислам дека луѓето на двете страни во судницата веруваат дека е целосно злоупотребување на моќта. Трамп е силен и подготвен е за битка“, изјави Џо Такопина - адвокат на Доналд Трамп.
Градоначалникот на Њујорк со апел до неговите поддржувачи кои најавуваат протести.
„Нашата порака е јасна и едноставна, контролирајте се. Њујорк е нашиот дом, а не терен за вашиот погрешно насочен гнев. Ние сме најбезбедниот голем град во Америка, бидејќи го почитуваме законот. Како и секогаш, нема да дозволиме никаков вид на вандализам и насилство“, Ерик Адамс - градоначалник на Њујорк.
„Во моментов нема конкретна закана за градот. Њујорчани ќе видат зголемено полициско присуство во делови од градот и треба да очекуваат блокади на некои сообраќајници во наредните два дена, особено во Менхетен“, рече Кишант Суел - полициски комесар.
Против Трамп се водат уште неколку истраги, вклучувајќи ги нередите во Капитол и чувањето на доверливи документи по крајот на претседателскиот мандат. Неодамна ја стартуваше и третата кампања за претседателска трка за влез во Белата куќа во 2024 година.
Според експертите, Трамп има политички профит од последните случувања. Неговата кампања собрала седум милиони долари откако беше поднесено обвинението минатиот четврток. Според анкета на Ројтерс/Ипсос, скоро 50% од републиканците го поддржува Трамп.
Маја С. Филдишев
