Финска денеска официјално станува членка на НАТО
Финска и официјално 31-ва земја членка на НАТО. Скандинавската држава се откажа од повеќедецениската воена неутралност по руската инвазија на Украина. НАТО одбележува 74 години од формирањето...

Финска и официјално 31-ва членка на НАТО. Претседателот, Саули Ниинисто, вели дека со ова земјата ќе биде побезбедна. Првиот човек на Алијансата оцени дека ова не е важно само за сојузот, туку и за Скандинавија и Балтикот.
„Горд сум што сум генерален секретар на Aлијансата во момент кога Финска станува полноправна членка. Тоа е важно за НАТО, важно за Финска, важно е за нордискиот и за балтичкиот регион, можете да ја погледнете мапата и да разберете колку е важна безбедноста на Финска за тој регион“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
И Финците веруваат дека со членството во НАТО ќе се чувствуваат побезбедни.
„Долго време се потпираме на нашата независност и неутралност но сфативме дека тоа не е патот на иднината. Сега треба да бараме нови опции.“
„Претпоставувам дека нема да почувствуваме разлика во наредните денови. Ништо нема да се промени за неколку дена.“
„Побезбедно е да се живее овде во Финска како дел од НАТО бидејќи имаме долга граница со Русија. И не сме верувале дека таа граница била безбедна и добро се чувала.“
Турскиот парламент на 30-ти март го ратификуваше влезот на Финска во НАТО, при што сите 276 присутни членови гласаа „за“. Одлуката стапи на сила на 1-ви април, отстранувајќи ја последната пречка за влез на нордиската земја во алијансата.
И Шведска поднесе барање, но сè уште нема консензус, поради турското вето.
„Шведска не е оставена сама. Ќе направиме уште повеќе што е можно поскоро, а потоа ќе го финализираме и формалниот процес за членство“, Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Турција ја обвинува Шведска дека е засолниште на членови на курдската Работничка партија, која Анкара ја смета за терористичка група.
Марина Ристова
