Охрид: Исполнување на препораките на УНЕСКО за развој на Охридскиот регион
Ако не се испочитуваат препораките на УНЕСКО, Охридскиот регион ќе се најде на листата на загрозени подрачја, а доколку негативните процеси продолжат може да биде тргнат од листата на оваа светска организација. На тој начин не само што ќе се загуби статусот со кој се гордееме, туку може да дојде до уништување на природното и културното наследство кое ни припаѓа нам, но и на светот. Поради тоа евроамбасадорот, Дејвид Гир, при посетата на општина Дебрца повика на сплотување на централните и локалните власти и сите невладини субјекти да дадат придонес за да се избегне реализацијата на таа непосакувана опција...

Од реализирањето на препораките на УНЕСКО во многу зависи идниот развој на Охридскиот регион. Има две дијаметрално спротивставени визии. Првата е да се фокусираме регионот да има извонредна иднина, при што ќе се сочува целото природно и културно наследство и каде што туризмот ќе може да се развива, а другата визија е градењето на дивоградби, со што ќе се уништи сето она што сакаме да го сочуваме. Ова при посетата на општина Дебрца го изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, поттикнувајќи ги локалните и централните власти на поголема соработка.
„Тоа што треба да се случи е сите заеднички да се сплотиме, при што треба да соработуваат централните и локалните власти, различните граѓански и невладини организации, бизнис заедницата која има огромна важност со единствена цел да се осигураме дека оваа локација ќе може да се сочува, ќе бележи развој за доброто на луѓето кои живеат тука, меѓутоа и за доброто на човештвото, Европа и светот“, изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во РС Македонија.
Амбасадорот Гир и градоначалникот на општина Дебрца како еден од најгорливите проблеми го посочија одлагањето и третирањето на цврстиот отпад во општините кои се дел од сливното подрачје на Охридското Езеро. Поради тоа според нив приоритетен проект е изградбата на меѓурегионалната депонија во битолско Новаци.
„Од она што мене ми е познато и што го видов и последно гледајќи ја изјавата на новата министерка за животна средина, таа истакна дека овој процес ќе биде забрзан, бидејќи средствата за реализација и имплементација на овие проекти се обезбедени. Дел се тоа кредити коишто ги обезбедува државата, а дел се грантови“, изјави Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца.
Со надминувањето на овој проблем општина Дебрца ќе може да ги реализира заложбите да прерасне во високорангирана еко-туристичка дестинација, но и место каде што се произведува здрава храна и ќе се развива зелена економија.
Сашо Нелоски
