Табановце

Табановце: Полициите од регионот со акција „Артефакт“

04.04.2023 13:49

Вредни артефакти се откриени во заедничката акција на припадниците на македонската полиција, во соработка со нивните колеги од регионот. Акцијата се реализираше на граничниот премин Табановце. Целта е да се спречи трговија со културни добра, но и да се унапредат капацитетите на земјите и соработката...

Над 1.100 парчиња монети со археолошка вредност, поголема сума пари, конфискувани три украдени возила и откриени два случаи на обид за криумчарење мигранти, се резултатите по заедничката акцијата „Артефакт“ на македонската полиција и нивните колеги од регионот. Во акцијата која се реализираше на граничниот премин Табановце учествуваа полициски припадници од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Целта е да се унапредат оперативните капацитети на земјите, да се подобри регионалната соработка, но и да се спречи трговија со културни добра.

„При изведувањето на активностите беше употребена специјализирана опрема за откривање и сузбивање на нелегалните активности, а искуствата од заедничката акција ќе бидат корисни за натамошната работа на полициските службеници од овие земји“, истакна Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Во акцијата заеднички учествуваа припадници на Граничната полиција, цариниците и Криминалистичкиот оддел.

„Овој феномен не само што краде од идентитетот на државата и нацијата, туку е поврзан и со други сериозни облици на организиран криминал, кои влијаат на нашата безбедност и начинот на живот. Мислам на тероризам, перење на пари, криумчарење со луѓе и оружје“, истакна Рок Деренчин, координатор во ДЦАФ Женевски центар за безбедност.

„Можевме практично да го примениме она што го учевме. Да се спречи шверцот со артефактите, културното наследство. Колку е важно тоа да се детектира и како дел од организираниот криминал“, истакна Оливер Јансер, координатор на проект за борба против сериозен криминал во Западен Балкан ИПА 2019.

Акцијата „Артефакт“ е во рамки на програмата за гранична безбедност и проектот за борба против сериозен криминал во Западен Балкан ИПА 2019.

 

Елена Георгиевска