Почнаа подготовките за уставните измени
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски предлогот за хрватскиот модел ќе го достави во Собрание. Од партијата нема да учествуваат во работната група. Мицкоски го повика Ковачевски на дуел или на лидерска средба. Министерот за правда пак бара експерти за уставните измени, рокот за номинација е до 10-ти април...

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ прифаќа лидерска за уставните измени, особено за нивниот предлог преамбула на македонскиот Устав по хрватски модел. Нема причина вели Мицкоски да се затвораме по работни групи и неколкумина политичари да дебатираат. Точно се знае дека има три фази кои мора да минат за уставните измени да бидат усвоени. Всушност, нагласува тој, предлогот за хрватскиот модел претходно го дадоа владејачките партии, кои сега не сакаат да се изјаснат по него.
И додека Мицкоски одбива учество во работната група за уставни измени, а премиерот Ковачевски пак веќе кажа дека нема намера да свика лидерска, Министерството за правда го објави повикот до политичките партии и институциите за делегирање членови кои би ги разгледувале измените во највисокиот правен акт. Рокот е до 10-ти април.
„Во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од преговарачката рамка која ја усвоиле 27 земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава. За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на уставното право кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени“, стои во соопштението од Министерство за правда.
Во меѓувреме од владата велат дека приоритет се уставните измени за влез на Бугарите, при тоа не прифаќајќи отворање други политички прашања, како на пример бришење на одредницата 20 проценти, што се однесува на албанскиот јазик, а кои ги предлагаат дел од партиите од албанскиот блок.
Миле Ристески
