НАТО

Столтенберг: Финска добива железна гаранција за безбедност

04.04.2023 17:16

Финска и официјално членка на НАТО. Земјата добива железна гаранција за безбедност – порача генералниот секретар Столтенберг. Кремљ со реакција – влезот на Финска во Алијансата го зголемува ризикот од конфликт. Во Брисел состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на воениот сојуз…

Финска е 31-ва членка на НАТО. Во свет каде што Русија и Кина се сè поблиски, важно е да бидеме заедно како сојузници во НАТО, вели генералниот секретар на алијансата. Со Хелсинки и Стокхолм поднесе барање, но сè уште нема консензус, поради турското вето.

„Во вакви времиња пријателите и алијансата се поважни од кога и да е. Претседателот Путин сакаше да му покаже на светот дека сите врати се затворени, но денеска му покажавме дека погреши. Агресијата и заплашувањето не функционираат. Клаузулата еден за сите, сите за еден од денеска се применува и на Финска“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Минатата година Финска аплицираше да му се приклучи на НАТО заедно со Шведска. Нашата поддршка за што поскоро членство на Шведска во алијансата ќе продолжи. Се надевам дека соседот ќе ни се приклучи како 32 членка на самитот во јули“, рече Саули Ниинисто, претседател на Финска.

Според Вашингтон, одлуката на Хелсинки да се приклучи на НАТО главно е резултат на руската инвазија на Украина.

„Ова можеби е единствената работа за која можеме да му се заблагодариме на Господин Путин. Тој уште еднаш забрза нешто што тврди дека сака да го спречи со руската агресија, предизвикувајќи многу земји да направат повеќе за сопствената одбрана“, нагласи Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Финска дели 1.300 километри граница со Русија. Москва вети дека ќе ги зајакне своите сили во пограничните региони доколку НАТО распореди дополнителни трупи или опрема.

„Проширувањето на НАТО е посегнување по нашата безбедност и националните интереси на Руската Федерација. И нормално, тоа не принудува да преземеме контрамерки за да ја обезбедиме сопствената безбедност. И тактички и стратешки“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Руското Министерство за одбрана предупреди дека приклучувањето на Финска во воената алијанса ќе придонесе за ризикот од значително проширување на конфликтот, но нема да влијае на исходот на специјалната воена операција во Украина.

Маријана Димовска