Кошарка – НБА

Максимален домашен ефект на „Хит„ и на „Спарс“!

09.05.2014 14:45

Мајами и Сан Антонио максимално го искористија домашниот терен и поведоа со 2:0 во конференциските полуфиналиња.

На „истокот“, шампионот Мајами славеше против Бруклин со 94:82 благодарение на серијата од 10:2 во последниот период. Босанецот Телетовиќ три четвртини сам ги одржуваше „Нетс“ во игра и вкупно постигна 20 поени, но „Хит“ имаше повеќе расположени играчи. Леброн Џејмс реализираше 22, Бош 18, Вејд 14 и Ален 13 кошеви.

Во западната конференција, Сан Антонио беше убедлив против Портланд со 114:97 откако го доби третиот дел од мечот со 41:25. Леонард собра 20 поени со четири погодени тројки, додека Паркер на 16-те кошеви придодаде и 10 асистенции. Гостинскиот кошаркар Батум беше најефикасен на натперварот со 21 поен.

Двете серии од максимум седум меча ќе се префрлат со по два дуела на терените на Бруклин и на Портланд.