Словенија

Спасовски на средба со македонската дијаспора во Копер

04.04.2023 18:20

Издадени 24.816 патни исправи за нашите иселеници, само во Љубљана издадени 1.487...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во  Словенија, покрај учеството на 11. Неформален состанок на министрите за внатрешни работи во рамки на Брдо процесот и билатералната средба со словенечкиот колега Боштјан Поклукар, во Порторож, се сретна и со претставниците од македонската дијаспора во Македонската православна црква „Богојавление Водици“ во Копер.

Министерот Спасовски истакна дека од големо значење за македонската дијаспора во Словенија е базната станица за издавање на патни исправи во Љубљана, која е дел од заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи.

„Откако е почнат проектот од 01.10.2021 заклучно со 31.03.2023 година вкупно се издадени 24.816 патни исправи преку ДКП-а, а само во ДКП во Љубљана во истиот период издадени се 1.487 патни исправи. Целокупниот процес од поднесување на барање до изготвување на патните исправи  трае од 15 до 30 дена, што укажува на сериозно кратење на времетраењето на процедурите, кои траеја од четири до пет месеци, со големи трошоци“, истакна министерот Спасовски.