Британско техно вечерва во Скопје

09.05.2014 14:49

Платформата за современа музика – BTKRSH, вечерва во Скопскиот клуб „Сектор 909“ ќе ги удостои обожаветелите на квалитетниот електронскиот звук со гостување на едно од посвежите имиња на британската техно–сцена Deepbass, кој доаѓа од Глазгов, Шкотска.

Неговата музика најдобро се опишува како длабоко и aтмосферично техно, кое со хипнотичка суптилност ги размрдува софистицираните подиуми.

Неговата страст за електронска музика започнува од млада возраст, поминувајќи го времето во музички продавници во потрага по музика и откривање на Speedy J и Jeff Mills, кои го внесуваат во светот на техно музиката. Започнува со продукција на музика во 2008 година и оттогаш неговиот звук константно еволуира. Во 2010 година ја основа својата издавачка куќа „Informa Records“ како платформа да се изрази себеси и да истражува понатаму во формите на техно музиката. Работата на издавачката куќа тргнува во позитивен правец и досега има соработувано со Modern Heads, Cio D’Or, Mark Broom, Edit Select, Echologist, Ness, Hironori Takahashi, nAX_Acid и многу други квалитетни артисти.

Deepbass има низа изданија за големи издавачки куќи како „Dynamic Reflection“, „Aconito Records“ и „Shapeless Records“. Имал голем број на настапи во живо, во Tresor и Berghain во Берлин, Studio 80 во Амстердам, Moog во Барселона, Plunk во Москва и во многу други клубови во градовите низ Европа.

Домашна поддршка на настанот ќе дадат Andreas Hz и Martchin, а визуелизациите се на Lazy Kidz Visuals.

Моника Јовановска