мвр

Спасовски: Да имаше малку повеќе храброст, одамна ќе бевме и дел од НАТО, а можеби и дел од Европската унија

05.04.2023 10:20

Како да го направиме Западен Балкан подобар и попросперитетен од сигурносен аспект“ беше темата на Меѓународната тркалезна маса, во организација на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС во Љубљана, Словенија, на која министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, наречен „човек на новото време“ во однос на спроведените политики и остварените резултати, покрај своето излагање, одговараше и на прашања од присутниот аудиториум.

Модераторот на дискусијата, проф. д-р Зијад Беќировиќ, по повод денешното одбележување на 74-годишнината од создавањето на НАТО, потсети дека Република Северна Македонија стана 30-тата земја членка на НАТО токму во време кога премиер беше актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Говорејќи дека регионот нема друга алтернатива, освен европската, министерот Спасовски подвлече дека земјите од регионот мора заеднички да работат за да стигнат до целта на заедничкиот пат. Според него, политиките кои се спроведуваат неопходно е да ги донесат европските вредности како дел од општеството, а за тоа се потребни реформи, но не во смисла само на промена на законодавството, туку првенствено како реформа на размислувањето, реформа на умот.

„Сè зависи од нас самите. Потребна е посветеност и потребна е волја!“, порача Спасовски, кој се наврати на 90-тите години и можностите кои тогаш ги имаше Македонија.
„Да имаше малку повеќе храброст – бидејќи мудрост имаше – имајќи предвид колку бевме напред во тој период, одамна ќе бевме и дел од НАТО, а можеби и дел од Европската Унија“, посочи Спасовски. Одговарајќи на прашањето за Отворен Балкан, како инцијатива во која Република Северна Македонија е посочена како пример што поврзува до вчера спротивставени земји, тој посочи дека целта на оваа регионална иницијатива е подобар однос меѓу земјите од регионот, поради што е поддржана поддеднакво и од ЕУ и од САД.

„Но, Отворен Балкан во никој случај не е алтернатива за ЕУ, која претставува наш национален интерес. Нема отстапувања од патот кон европското семејство, но додека чекаме, мораме да си помогнеме регионално. Да овозможиме нашите луѓе, производите, услугите да се движат слободно. Да ја користиме работната сила без пречки, признавање на дипломите. Деновиве, на еден од најголемите саеми во Италија имавме заеднички настап како Отворен Балкан. И тоа е целта – да си помогнеме самите себе на патот кон ЕУ, да создадеме подобар живот за нашите граѓани“, потенцираше министерот Спасовски.