Апел до граѓаните да не отвараат СМС пораки кои повикуваат на задолжителна пријава од УЈП
Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба...

Управата за јавни приходи информира дека кон граѓаните се испраќаат СМС пораки со кои се бара да извршат задолжителна пријава на лажна веб-страница https: ujp-gov.mk/potvrda.
„Граѓани, никако не ја отворајте оваа лажна веб-страница, бидејќи од вас бара да пополните полиња со вашите лични податоци, податоци од платежна картичка и да прикачите слика од вашата лична карта. Споделувањето на Вашите лични податоци преку оваа лажна веб-страница, може да предизвика нивна злоупотреба“, предупредуваат од УЈП.
Како што додаваат од таму, веб-страница е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи.
Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба.
Како што објаснуваат тие, измамата се состои во тоа што добивате СМС-порака со линк кој во голема мера наликува на линкот на официјалната веб-страна на УЈП, каде што навистина постои можност да извршите задолжителна пријава. Официјалната веб-страна на УЈП гласи: ujp.gov.mk, додека, пак, лажниот има цртичка наместо точка: ujp-gov.mk
Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба.
