Случај „Жан Митрев“

Се одложи судењето за Жан Митрев, докторот пречекан со транспаренти

05.04.2023 12:38

Се одложи судењето за кардиологот Жан Митрев и неговата приватна болница за на 12-ти мај. Причина за повторното одложување е тоа што одбраната не успеала да изврши увид во списите на предметот кои сè уште се во Апелација. Јавната обвинителка искра Хаџи Василева, побара од судот да се закажат повеќе следни рочишта за предметот да добие на динамика, додека одбраната на Жан Митрев побара доволен простор од најмалку два месеци за да се запознаат со списите на предметот, како и да се обезбедат соодветни услови за судење...

Пред судската зграда беа собрани оштетени граѓани со транспаренти додека во судницата адвокатот Додевски покрај барањето за одложување на рочиштето за најмалку два месеци поради обемноста на предметот, реагираше и на оштетените пред судот. Од клиниката сметаат дека против кардиологот Митрев се води инструиран процес и организирана хајка со неосновано обвинение.

„Организирање на луѓе со транспаренти кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено и е најостро уривање на правдата и одземање на правото да се докаже вистината и невиноста, ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината“, велат од клиниката Митрев.

Според одбраната на оштетените треба да се испочитуваат нивните права за ваков протест.

Семејствата на починатите порачаа пред судот ќе доаѓаат на сите рочишта за да ја бараат правдата.

Над 280 пациенти се пријавија како оштетени. Во обвинението се вели дека дел од пациентите и нивните семејства биле доведени во заблуда за хемофилтрацијата која лекувала Ковид-19. Болницата ги отфрли сите обвиненија, Митрев најави дека ќе се бори судски до крај да ја докаже невиноста.

 

 

 

Ана Јосифоска Тодоровска