САД

Трамп обвинет за 34 кривични дела, пред судот се изјасни за невин

05.04.2023 13:04

Доналд Трамп се изјасни како невин пред судот во Менхетен за обвинението со 34 точки и фалсификување деловни извештаи . Овој лажен случај е покренат за да влијае на претстојните избори – изјави во говорот по напуштање на судницата...

За првпат во историјата на САД e покренато обвинение против поранешен претседател. Доналд Трамп пред судот на Менхетен се изјасни за невин по сите 34 точки. По враќањето од Њујорк, јавно го коментираше обвинението и практично одржа предизборен говор пред неговите приврзаници. Обвиненијата ги нарече „навреда за земјата“.

„Тие ме нападнаа со лажни истраги. Тие ги лажеа судовите и Министерството за правда, кои немилосрдно ги гонеа републиканците. Единствениот прекршок што го направив беше тоа што бестрашно ја бранев нашата земја од тие кои сакаат да ја уништат. Нашиот правосуден систем стана беззаконски. Овој лажен случај има за цел да се меша во претстојните избори во 2024 година“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.

Трамп се товари за фалсификување деловни документи во замена за медиумски молк. Против него се водат уште неколку истраги, вклучувајќи ги нередите во Капитол и чувањето доверливи документи.

„Триесет и четири пати биле дадени лажни изјави за да се прикрие криминал. Тоа се кривични дела во Њујорк, без разлика кој си. Ниту една сума пари и ниту една количина на моќ не го менува тој траен американски принцип“, изјави Алвин Брег, окружен обвинител на Менхетен.

Пред судот во Њујорк Трамп беше пречекан од голем број поддржувачи кои сметаат дека поранешниот шеф на Белата куќа се соочува со политички прогон.

„Тоа е валкано политичко гонење. Демократската партија толку многу се плаши од Доналд Трамп што мора да го исфрли од гласачкото ливче затоа што се плаши да излезе против него на изборите во 2024 година“, додаде Дејвид Рем, поддржувач на Трамп.

„Беше охрабрувачки да се види дека тука дојдоа луѓе од голем број држави за да ја покажат својата загриженост“, вели Ерик Беренд, поддржувач на Трамп.

Од Белата куќа велат дека случајот не е во фокусот на претседателот Бајден.

„Тоа е тековен случај. Нашиот фокус во моментов е на американскиот народ. Се фокусираме на намалување на цените“, истакна Карин Жан – Пјер, портпарол на Белата куќа.

Засега не е познато кога ќе почне судењето против поранешниот американски претседател, но би можеле да поминат месеци.

 

Маријана Димовска