ДКСК

Ивановска: Политичките влијанија ја назадуваат борбата против корупцијата

05.04.2023 13:08

Борбата против корупцијата назадува поради политички влијанија и неказнивост, посочи претседателката на државната комисија за справување со корупцијата Ивановска на презентацијата на Антикорупциската стратегија. Од власта се согласуваат дека проблем е неказнивоста, но дека вината треба да се бара индивидуално кај функционерите. Меѓународната заедница повтори дека државата мора сама да се справи со корупцијата за да напредува...

Борбата против корупцијата назадува. Минатата година само 10 проценти од антикорупциската стратегија се исполнети, вели првиот човек на Државната комисија за борба со корупцијата Ивановска. Како причини за назадувањето посочува политички влијанија.

Одговорноста за пропустите во борбата против корупцијата не е во системот, туку во секој функционер индивидуално. И покрај зголемената транспарентност на институциите, корупцијата не се намалува поради неказнивоста, вели вицепремиерката за добро владеење Грковска.

Меѓународната заедница повтори дека справувањето со широкораспространетата корупција е задача на државата, за да се врати довербата на граѓаните во институциите.

Нема соработка со Собранието околу корупцијата, чиј прв човек не дојде на денешниот извештај за сработеното на антикорупциската стратегија. Комисијата отвори случај за вработувањето на неговиот син како обвинител, а отворила случај и за надзорот на изградбата на Коридорот 8. Лани, функционерите помалку ги почитувале препораките на Комисијата за користење на службени возила за лични или партиски цели.

 

Ирина Гелевска