Охрид

Одложено судењето за напаѓачот на Христијан Пендиков

05.04.2023 14:00

Со изведување на материјални докази денеска во Основниот суд во Охрид започна главната расправа од судскиот процес што се води против Илија Спасески, кој е првообвинет за физичкиот напад врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид. Изјаснувајќи се пред судот Спасески рече дека не е виновен...

Главната расправа од судскиот процес што пред Основниот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинет за претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб, Христијан Пендиков започна со читање на обвинителниот акт, при што тој се товари за извршено кривично дело „нанесување на тешки телесни повреди од омраза поради национална и етничка припадност“.

Запрашан да се произнесе по однос на обвинението, Спасески рече дека не е виновен. По изведувањето на материјалните докази и прегледувањето на видеоматеријалите адвокатот на обвинетиот, Димитрија Цокоски рече дека има различни податоци меѓу она што се тврди во обвинителниот предлог, тоа што се наведува во Записникот за примање на пријава и во искажувањето на оштетениот на една од бугарските телевизии.

„Вие ги гледавте снимките и кај што вели обвинителот дека јас мислам дека е тој. Не треба некој да мисли дека е тој или овој, треба да има докази со кои може неспорно да се утврди. Мислење на обвинител дали е некој тој или не е тој, не е доволно некој да биде огласен за виновен“, изјави Димитрија Цобоски-адвокат на обвинетиот Илија Спасески.

И овој пат на рочиштето не присуствуваше оштетениот Христијан Пендиков, а неговиот адвокат пред судот рече дека неговиот клиент е отсутен поради здравствени причини.

„На следното не знам дали ќе се појави, не можам да тврдам, сè зависи од тоа кога ќе заврши неговото лекување“, Стефан Камишевски-адвокат на оштетениот Христијан Пендиков.

Судијата Бојан Мартиноски, следното рочиште го закажа за 31 мај, кога се очекува да сведочат експерти од областа на медицината и информатиката, како и други сведоци кои биле во угостителскиот објект пред Пендикоски да биде претепан на 19 јануари.

 

Сашо Нелоски