Ковачевски: Низ отворен дијалог до македонски модел на уставни измени и забрзана евроинтеграција
Согласно со нашиот закон и устав, уставните измени се структуриран процес во којшто работата започнува преку работа на работна група на експертско ниво, во која работна група ќе бидат вклучени и претставници на политичките партии...

Согласно со нашиот закон и устав, уставните измени се структуриран процес во којшто работата започнува преку работа на работна група на експертско ниво, во која работна група ќе бидат вклучени и претставници на политичките партии. Веќе Министерството за правда упати покана до политичките партии да делегираат свои претставници во работната група во која се поканети и врвните експерти по уставно право во државата и каде што ќе бидат изработени уставните амандмани.
Потоа, дискусијата ќе биде ставена, односно материјалот којшто тие ќе го изработат ќе биде ставен на расправа во општеството со оглед на тоа дека треба да се запознае академската заедница, деловната заедница, невладините организации, граѓаните преку медиумите и нормално низ собраниска процедура за која е потребно двотретинско мнозинство“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на денешната заедничка прес-конференција со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјава, одговарајќи на новинарско прашање дали за Владата е прифатлив предлогот на опозицијата, уставните измени да се направат по хрватски терк.
Премиерот Ковачевски нагласи дека различни партии предлагаат различни модели, поради што е потребно за ова прашање да се дискутира на експертско ниво за да се изработи предлог којшто одговара на македонското општество и којшто одговара на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја членка на ЕУ.
„Јас не кажав ниту дали сум за нешто за, ниту дали сум за нешто против. Јас сум за тоа да донесеме уставни измени со коишто ќе ги отвориме кластерите после ноември и до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ, со заштитен македонски јазик, со македонски идентитет и со македонска култура којашто ќе ја збогати културата на ЕУ и на сите европски народи“, рече премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата во Владата.
Тој потенцираше дека обврска на сите политички партии е исто како што било обврска на сите политички партии во Хрватска, кога пристапувала во ЕУ, е да ги поддржат стратешките одлуки на држава и тие да не станат предмет на дневно политичка борба.
Дебата за уставни измени се води во експертска работна група, каде секоја политичка партија делегира свои претставници и каде што врз основа на уставно право и врз основа на она што е пропишано, се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа“, коментираше премиерот Ковачевски, стои во соопштението од Влада.
