Зголемен интерес за вакцинација во Штип по случајот на морбили
Случајот со заболеното 13 месечно бебе од Свети Николе, го вклучи алармот кај родителите во Штип кои во зголемен број ги носат децата на вакцинација против морбили. Се работи за болест која бргу се шири и имунизацијата е најефикасниот начин на заштита, велат надлежните...

По појавата на првиот случај на дете заразено со морбили, зголемен е интересот за примање на првата доза од МРП вакцината во Штип, каде опфатеноста во првото тримесечје е 80 насто. Но стабилна епидемиолошка состојба се постигнува со над 90 насто имунизирани деца. Првата доза од МРП вакцината која треба да се прими на возраст од една година често се одложува, што во услови на појава на болеста е закана по здравјето на децата.
Засилен епидемиолошки надзор и детално следење и пријавување на симптомите од страна на педијатрите и матичните лекари – препорача Комисијата за заразни болести. Се работи за болест која бргу се шири и предизвикува сериозни здравствени компликации
Заболеното 13 месечното бебе од Свети Николе е во добра здравствена состојба и на домашно лекување. Според епидемиолозите добро е тоа што сите во семејството се имунизирани и детето немало многу контакти надвор од семејството.
Славица Величковска
