Тетово

Недостасуваат учебници во тетовските училишта

05.04.2023 14:37

Во тетовските училишта недостасуваа над 20.000 учебници, велат од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово. Секоја година добиваме ветување дека ќе бидеме снабдени со книги, но во праска не е така, вели градоначалникот на Тетово, Билал Касами...

Недостасуваат учебници речиси од секој предмет. Учениците се позајмуваат, учат од скрипти.

Се работа за над 20.000 книги, сериозна бројка, но односот на Министерството за образование и наука е несериозен, велат од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.

Поднесовме петиција до надлежните што поскоро да се реши проблемот.

„И од Министерството ни беше возвратено еден табелар каде тие сами прифаќаат дека недостасуваат 15.831 учебници во нашите училишта. Во Министерството за образование и наука отвораат еден систем каде училиштата можат да ги достават своите барања за потребите на учениците, но тој е само отворен одредено време. Според податоците што ги имаме ние како општина, сè уште во нашите училишта недостасуваат 20.000 учебници, тоа е законска обврска овие учебници да се обезбедат од Министерството“, изјави Назми Даути, раководител на Сектор за јавни дејности при Општина Тетово.

Оваа учебната година завршува, месециве нема да бидеме снабдени со учебници, тоа го знаеме, вели Касами. Но, за наредната ако не се реши проблемот ќе протестираме заедно со родителите и училишните одбори.

„Министерството објаснуваше дека е направен тендер избран па неизбран, а еве како што гледате заврши годината пак учебници не се снабдени. Затоа ние ќе ги преземеме сите мерки следната година да не ни се повтори истото. Сме во комуникација со родителските и школските одбори, ако треба ќе поддржиме протест организиран од родителите“, изјави Билал Касами, градоначалник на Општина Тетово.

Градоначалникот Касами заедно со претставници од општината во Основното училиште „Лирија“ денеска донираа лектири за потребите на учениците.

 

 

Зоран Димовски