Османи: Македонија е пример за трансформативна улога на НАТО
Министерски состанок на НАТО во Брисел, Aлијансата се засилува по влезот на Финска во воениот сојуз, покрај украинската војна се зборува и за влијанието на Кина. Францускиот претседател Макрон порача од Пекинг – Европа не смее да се дели од Кина...

Индопацификот, влијанието на Кина, украинската војна и приемот на Финска во НАТО – главни теми на состанок на Алијансата во Брисел. Шведска, која два века избегнуваше да биде дел од воените сојузи, сега чека зелено светло од Турција и Унгарија за барањето за членство.
„Руската војна против Украина се развива. Претседателот Путин не се подготвува за мир, туку за повеќе војување. Сојузниците на НАТО се обединети во заложбата да го запреме и да ја зголемиме поддршката. НАТО ќе продолжи да ги поддржува и другите партнери кои се соочуваат со притисок од Русија, вклучувајќи ги и Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина“, изјави Јенс Столтенберг - генерален секретар на НАТО.
Москва претходно обвини дека Западот се обидува да забие клин меѓу Русија и Кина. Во меѓувреме, францускиот претседател Макрон пристигна во тридневна државна посета на Кина.
„Зборуваме директно со Кина за конфликтот, за руската агресија, што е под ризик, последиците за нашата Европа, за Блискиот и Далечниот исток, како и африканскиот континент. Обидот да се вклучат во стратегискиот однос, кој може да е посложен од она што очекуваме. За ова ќе зборуваме и во наредните денови, ќе се обидеме да ја вклучиме Кина во оваа заедничка одговорност за мир и стабилност“, изјави Емануел Макрон - претседател на Франција.
Макрон и Си Џинпинг последен пат се сретнаа на маргините на самитот на Г-20 во Индонезија лани. Елисејската палата истакна дека е дојдено време, да се обноват контактите со кинеските власти и дека страните даваат нов поттик на дијалогот за глобалните прашања.
Маја С. Филдишев
