За уставни измени најдете модел својствен за Македонија, порача Пленковиќ
Хрватска е најгласниот поддржувач на Македонија на европскиот пат, од Скопје оценија премиерите на двете земји. Време е да се повлечат вистинските потези, да се забрзаат финалните процеси, порача Пленковиќ. Земјава има македонски модел за уставните измени, политичките партии да ги поддржат стратешките одлуки. Ковачевски го одби предлогот за лидерска средба…

Направивте големи реформи и бевте неоправдано попречувани на европскиот пат. Сега е време за вистински потези и мора да се забрзаат финалните процеси, порака од хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, до македонскиот колега Ковачевски. За уставните измени, рече дека е одлука која не е лесна и за тоа прашање мора да се постигне консензус, зад кој ќе застане народот и сите политички чинители. Пленковиќ очекува земјава што поскоро да стане дел од Унијата, за што рече, Хрватска ќе даде неизмерна поддршка.
За Македонија постои само еден вистински пат кој ќе ја одреди нашата иднина. Нема враќање назад од европската агенда, порача по средбата со Пленковиќ премиерот Ковачевски. Најави дека ќе се формираат експертски работни групи за изготвување на амандманите за уставните измени, кои потоа ќе одат на јавна расправа. Ниту го отфрли, ниту е за предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за промена на Уставот по хрватски модел, туку, како што рече, треба да се направи македонски. Ковачевски ја одби поканата на опозицијата за лидерска и за јавно соочување бидејќи, како што рече, неговиот став за ова прашање е познат.
По средбата во Владата, премиерот Пленковиќ на средба во Вилата Водно со претседателот Стево Пендаровски. На состанокот било разговарано за состојбите во Европа и за досегашниот тек на скрининг процесот.
Викторија Милевска
