Петровска: НАТО е силна aлијанса зашто знае навреме да се приспособи на новите безбедносни предизвици
Пред студентите, министерката Петровска се осврна на повеќе теми поврзани со одбраната, местото и улогата на Алијансата во зацврстувањето на безбедноста во евроатлантската област, новите безбедносни предизвици во Европа, како и вложувањето, трансформацијата и модернизацијата на Армијата.

Денеска со обраќањето на министерката за одбрана Славјанка Петровска пред студентите на Државниот универзитет во Тетово, продолжија серијата академиски дијалози кои се организираат по повод годишнината од членството на Северна Македонија во Алијансата и Денот на НАТО. На настанот учествуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши, како и командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини.
Пред студентите, министерката Петровска се осврна на повеќе теми поврзани со одбраната, местото и улогата на Алијансата во зацврстувањето на безбедноста во евроатлантската област, новите безбедносни предизвици во Европа, како и вложувањето, трансформацијата и модернизацијата на Армијата.
„НАТО е силна и моќна Алијанса која знае да одговори на предизвиците зашто знае навреме да се приспособи и да се промени. Алијансата минатата година на Самитот во Мадрид го донесе новиот стратешки концепт, ги репозиционираше своите политики врз база на своите вредности и на безбедносната реалност“, рече министерката Петровска. Додаде дека по 24 февруари 2022 година, ниту светот, ниту Алијансата не се исти, дека она што се случува во Украина е грубо кршење на меѓународното право и повреда на човековото право на живот, и дека ниту една земја без разлика дали е членка на НАТО или не, не може да остане имуна на тоа.
Во однос на позицијата на Северна Македонија, министерката Петровска истакна дека таа е принципиелна и добро позната, а тоа е дека ја поддржуваме одбраната на Украина и украинските граѓани, и дека таа поддршка е и политичка и со донации од опрема. Министерката се осврна и на новите безбедносни предизвици, на кои, рече, ниту една земја денес не е имуна.
„Ако пред 20 и повеќе години заканите биле од конвенционален тип, денеска во 21 век зборуваме за различен тип на неконвенционални хибридни закани, невидливи со голо око, но го чувствуваме нивното влијание. Северна Македонија беше и сè уште е мета на хибридни закани кои имаат за цел поткопување на институциите, создавање на недоверба кај граѓаните во тие институции и обид да се претвори НАТО од успешна во неуспешна приказна кај нас. Наша задача како институции и граѓани е да бидеме гласни, да бидеме транспарентни, да отвораме дијалог со граѓанскиот сектор и со академската заедница и на тој начин да се справиме со дезинформациите“, рече министерката.
Во контекст на вложувањето во одбраната, Петровска истакна дека благодарение на мудрите политики, одбранбениот буџет расте – тој денеска е 1,85% од БДП, а веќе следната година е извесно дека буџетот ќе биде 2% од БДП, што гарантира интензивен и непрекинат процес на модернизација на опремата и капацитетите на Армијата.
