Одлука

Уставниот суд го укина ДУП-от за „Пуцко петрол“ во Карпош

05.04.2023 16:05

Судот утврди дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа, објект со класа на намена Е, на местото планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти, образложи Уставниот суд во одлуката.

Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја укине одлуката за донесување детален урбанистички план за бензинската пумпа на „Пуцко петрол“ во општина Карпош.

Од утврдената фактичка состојба и обемната документација, која се анализира, Судот утврди дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа, објект со класа на намена Е, на местото планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти, образложи Уставниот суд во одлуката.

Поконкретно, просторот на кој се планира изградбата на бензинска пума е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура.

Уставниот суд оцени дека со вака донесената одлука на Општина Карпош се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидени во Уставот, но исто така е направена и повреда на членот 4 од Законот за урбанистичкото планирање бидејќи донесениот ДУП не е во согласност со ГУП.