Политика

Пленковиќ во Скопје: Сега е време за вистински потези

05.04.2023 17:40

Дојдов да ве охрабрам да ги здружите политичките сили, сега е моментот. Ние имаме и македонски модел за европска Македонија-премиерот Ковачевски му беше домаќин на хрватскиот колега Пленковиќ, кој беше пречекан со државни почести пред платото на Владата. Пленковиќ имаше и обраќање во македонскиот законодавен дом, а се сретна и со Пендаровски и Џафери…

„Направивте големи реформи и бевте неоправдано попречувани на европскиот пат. Сега е време за вистински потези и мора да се забрзаат финалните процеси“, порака од хрватскиот премиер Пленковиќ до македонскиот колега Ковачевски. За уставните измени рече дека е одлука која не е лесна, и за тоа прашање мора да се постигне консензус зад кој ќе застане народот и сите политички чинители. Очекува земјава што поскоро да стане дел од Унијата, за како што рече, Хрватска ќе даде неизмерна поддршка.

„За Македонија постои само еден вистински пат кој ќе ја одреди нашата иднина. Нема враќање назад од европската агенда“, порача по средбата со Пленковиќ премиерот Ковачевски. Најави дека ќе се формираат експертски работни групи за изготвување на амандманите за уставните измени кои потоа ќе одат на јавна расправа. Ниту го отфрли, ниту е за предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за промена на Уставот по хрватски модел, односно како што истакна, треба да се направи македонски. Ковачевски ја одби поканата на опозицијата за лидерска и за јавно соочување.

Пленковиќ се обрати и пред пратениците. Тој ги поздрави напорите на земјава за реформите и уште еднаш ја потврди недвосмислената поддршка што ја дава Хрватска. Зборувајќи за придобивките од членството во ЕУ, Пленковиќ ги охрабри домашните политичари да најдат начин како ќе одат напред. Потенцираше дека Македонија заслужува да биде дел од европското семејство и како што рече, со поддршка од пријателите таа цел ќе биде остварена.

По средбата во Владата, премиерот Пленковиќ во Вилата Водно на средба со претседателот Стево Пендаровски. На состанокот било разговарано за состојбите во Европа и за досегашниот тек на скрининг-процесот.

Викторија Милевска