Руско - украински конфликт

Зеленски: Трупите во Бахмут може да бидат опколени

06.04.2023 12:42

Битките во Украина продолжуваат. Во Москва, средба Путин-Лукашенко на агендата разговори за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Францускиот претседател Макрон, во Пекинг побара од кинескиот колега Ши, да ја вразуми Русија и да се врати мирот во Европа...

Продолжуваат битките во Бахмут. Украинскиот претседател за првпат изјави дека трупите, би можеле да бидат опколени. Според Зеленски, колку побрзо Украина добие оружје од партнерите, толку побрзо војниците ќе можат да возвратат. При посетата на Полска, ја пофали Варшава дека одиграла клучна улога во договорите со западните сојузници за испраќање тенкови во Киев. Полскиот претседател ја истакна важноста од дополнителна помош за Украина. Ја обвини Русија за воени злосторства и побара да биде изведена пред лицето на правдата.

„Има уште долг пат до крајот на оваа војна. На Украина и треба поддршка, испорака на модерно оружје. Полска беше и е еден од лидерите на оваа поддршка. Се обидуваме што поскоро да и обезбедиме на Украина сè што и е потребно, тенкови, оклопни транспортери, самоодни трагачки хаубици, а последниве денови и авиони“, изјави полскиот претседател, Анджеј Дуда.

Претседателот Лукашенко во дводневна посета на Москва. Агендата на средбата со колегата Путин опфаќа и распоредување на тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија.

„Морам да кажам дека е направено многу како резултат на нашата заедничка работа во сите области“, рече рускиот претседател, Владимир Путин.

„Ќе издржиме и ќе направиме се, дури и во микроелектрониката. Излегува дека има можност да се работи во оваа сфера. Летаат проектили, а воената опрема се движи и во нашата и во вашата земја“, рече Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.

Францускиот претседател Макрон, во Пекинг на состанокот со колегата Ши Џинпинг, во обид да ја убеди Кина да изврши влијание и да ја вразуми Русија во однос на нуклеарното оружје, почитување на договорите и враќање на мирот во Европа.

„Знам дека можам да сметам на вас. Да ја вратите Русија на памет и да ги вратите сите на преговарачка маса. Треба да го вратиме трајниот мир кој ги почитува меѓународно признаените граници и кој избегнува каква било ескалација, во сите нејзини форми. И, мислам дека ова е прашање што е од исто толку важно за Кина, како што е за Франција и остатокот од Европа“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Кинескиот претседател е еден од ретките светски лидери што ја посети Москва, откако Русија ја започна инвазијата на Украина минатата година. Воедно, Кина понуди мировен план од 12 точки за ставање крај на војната, што според Путин, може да се искористи единствено кога за тоа ќе бидат подготвени Западот и Киев.

Маријана Димовска