По средбата на Цаи и Мекарти во Калифорнија, во Тајван забележан кинески хеликоптер и воени бродови
Зголемени тензии на релација Кина-Тајван по средбата на Цаи и Мекарти во Калифорнија. Претседателката на Тајван и лидерот на претставничкиот дом на САД ја потврдија билатералната соработка и зголемената закана од Кина. Во близина на островот Кинеси воени бродови и хеликоптери...

Тајван регистрира три кинески воени бродови и хеликоптер кај островот по состанокот во Калифорнија меѓу претседателката Цаи Инг-вен и челникот на американскиот Претставнички дом Кевин Мекарти, за кој Пекинг вети одговор. Вашингтон инсистира да се забрза испораката на оружје за Тајван во услови на растечки закани од Кина.
„Прво, мора да продолжиме со продажбата на оружје на Тајван и да се осигураме дека е навремена. Второ, мора да ја засилиме економската соработка, особено во трговијата и технологијата. Трето, мора да продолжиме да ги застапуваме заедничките вредности. Живееме во решавачки миг во историјата и треба да дејствуваме веднаш“, изјави Кевин Меккарти, претседател на Претставничкиот дом на САД.
„Повторно живееме во свет во кој е загрозена демократијата. Претседателот Реган се изрази најдобро. Само една генерација нè дели од изумирање на слободата. За неа мора да се борите и постојано треба да ја брани секоја генерација“, Цаи Инг-вен, претседателка на Тајван.
Поморската администрација на Фуџијан почна тридневна воена патрола и инспекција на делови од тајванскиот Теснец. По ланската посета на Ненси Пелоси, тогашна претседателка на Претставничкиот дом, Кина ги изведе најголемите воени вежби и се повлече од разговорите за климата со САД.
„Се фокусираме на патролирање и обезбедување на навигациската средина, распоредот на бродовите во централните и северните води на Теснецот, и безбедноста на патничките бродови во однос на транспортот, трговијата и поштенските услуги“, изјави Ву Донгфенг, заменик-шеф на командниот центар.
Тајван е регион со демократски избрана администрација уште од Граѓанската војна во 1949 година, но Пекинг овој остров го смета за своја територија така што секоја интеракција меѓу тајванските и американските претставници ја третира како предизвик за нејзиниот суверенитетот и територијален интегритет.
Маја С. Филдишев
