Во Основниот суд Тетово 11-то рочиште за пожарот во модуларната болница
Заврши доказната постапка за судскиот процес модуларната болница Тетово. Денеска беа сослушани тројца сведоци, вработени во Клиничката болница Тетово. На наредното рочиште ќе се прочитаат завршните зборови, а потоа ќе се објави пресудата...

Во модуларната болница немаше раководител, одговорноста за неа ја преземаше тој што беше на смена, сведочеше вработена во Клиничката болница Тетово. Приоритет на вработените во болницата беа пациентите, а не самиот објект, дали имал или немал ПП – апарати.
„Јас во модуларната болница работев откако го пуштија објектот во употреба, инаку работам како доктор. Мислам дека сум видела ПП – апарати, но не се сеќавам точно оти тоа не ми било приоритет, приоритет ми беше да се грижам за пациентите. Во модуларната болницата немаше раководител, тој што беше на смена ја преземаше одговорноста за модуларната болница“, сведочеше Ерселе Треси, докторка во Клиничката болница Тетово.
Свои искази дадоа и други двајца вработени во болницата. Тие пред судот изјавија дека виделе ПП – апарати во модуларната.
„Работам во болница во интерното одделение, работам како обезбедување. Вршев некои работни задачи во модуларната, како носење на лекови и слично. Во текот на денот влегував во модуларната 5 до 6 пати, имаше починати ги изнесуваа. Имаше во модуларната противпожарни апарати. На влезната врата на модуларната имаше натпис на кој стоеше забранет влез и вратата беше затворена со клуч“, изјави Башким Ибрахими вработен како обезбедување во модуларната болница.
Пред да започне судскиот процес, пред Основниот суд во Тетово и денеска се одржа протест за поддршка на доктор Бобан Вучевски, учесниците посочија дека обвинителството вината треба да ја бара на друго место.
Во случајот модуларна болница, тетовското обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело, непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Зоран Димовски
