Политика

„Огнените“ ќе делуваат како фракција во ДУИ

06.04.2023 14:18

„Огнените“ и официјално ќе делуваат како фракција во ДУИ. Исцрпени биле сите можности за демократска дебата во партијата. Предлогот за гласање доверба за министрите не помина. Не прецизираа дали постои опција да формираат самостојна партија...

Огнената група на ДУИ и официјално стана фракција. Обвинија дека не се почитува статутот и програмата на партијата, а политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ. Велат дека е демократски чин да се изрази поинакво мислење и дека тоа ќе и помогне на партијата да ги исправи пропустите во функционирањето.

Од фракцијата не прецизираа дали постои опција да формираат самостојна партија, ниту појаснија дали на наредните избори ќе излезат со самостојни листи. Нивниот одговор е дека сакаат да ја водат битката внатре во партијата. Велат дека меѓу нив и ДУИ постои разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса, а побараа и да се направи Закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА.

По средбата на централното претседателство на ДУИ што се одржа на 1-ви април во Мала Речица, лидерот Ахмети изјави дека не се дозволени фракции во партијата и дека секоја постапка надвор од статутот ќе се смета за анархија.

 

 

 

Анита Димитријевска Велковска