МЗШВ

Николовски: Решавајќи го деценискиот проблем за легализација на фармите им овозможуваме пристап на фармерите до ЕУ фондовите и ИПАРД програмата

06.04.2023 14:19

Денеска, во Скопје се одржа панел-дискусија на тема, изнаоѓање на решенија за легализација, пренамена и упростување на постапката за добивање на дозволи за градба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи-во и вон населено место...

Денеска, во Скопје се одржа панел-дискусија на тема, изнаоѓање на решенија за легализација, пренамена и упростување на постапката за добивање на дозволи за градба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи-во и вон населено место, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и здружението знак за квалитет, со поддршка на активноста на УСАИД – Партнерства за економски раст.

На настанот присуствуваа министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и министерката за животна средина Каја Шукова, како и претставници на УСАИД, знак за квалитет, декани на факултети, директори на институции, претставници на земјоделски здруженија и фармери. Во ваков широк состав со присуство на сите релевантни институции, се водеше јавна дебата со цел изнаоѓање на нови решенија за легализација на изградените помошни објекти, со што се очекува да се реши децениски проблем.

Министрите Николовски, Бочварски, Пенов и Шукова изразија подготвеност да дадат максимална поддршка во креирањето на нови законски решенија со вклученост на сите институции со цел изнаоѓање на заедничко решение кое ќе биде во корист на фармерите.

Правното решение согласно Закон за земјоделско земјиште, предвидува постапка за градење на оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи, помошни објекти, како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи, врз основа на барање до општината каде се наоѓа земјиштето, без потреба за донесување на каков било урбанистички план и без обврска за плаќање на комуналии. Издаденото одобрение за изградба на објект или оранжерија на земјоделско земјиште, овозможува по изградбата објектот да се запише во Агенцијата за катастар на недвижности. Ова е наједноставниот начин да се добие легален објект, но за жал состојбата на терен покажува дека се соочуваме со огромен број на веќе изградени објекти кои од многу причини не се легализирани.

До сега, во два наврати е правена измена на Законот за земјоделско земјиште, еднаш во 2012-та, а потоа и во 2019 – та година со цел бесправно изградените објекти да се легализираат. Но, очигледно овие измени во законот не се доволни и не ја сменија значително сликата на терен.

За таа цел, токму поради ваквата состојба, преку јавната панел-дискусија, се донесе заклучок да се формира работна група со вклучени членови од сите релевантни институции, која ќе продолжи да работи се до решавање на проблемот со незаконски изградените објекти, стои во соопштението на МЗШВ.