Македонија

Ковачевски: Се подготвува нов закон за плати

06.04.2023 15:27

Одлуката на Уставниот суд е конечна и мора да се почитува. Премиерот Ковачевски, најави нов закон за плати, вели, ќе се обезбеди конзистентност во примањата на сите функционери. Дотогаш, укинувањето на двата члена ќе им носи зголемени примања.

„Исплатата на платата е според законот. Никој самоволно не ги зголемил своите примања, туку е одлука на Уставниот суд“, вели премиерот Ковачевски.

Директно не одговори, дали Владата размислува за намалување на коефициентите за пресметка, но најави дека ќе се изготви нов закон за плати, што ќе биде ефективен и применлив. Ковачевски смета, дека јавно објавување на донации е само политичка реклама, оној кој сака да помогне ќе го направи тоа. Шефот на Владата потсети дека минималната плата е зголемена и секогаш се прави договор со синдикатите.

„Владата да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, платите на функционерите да останат исти, а тоа е можно со намалување на коефициентот и основицата, порача претседателот Пендаровски, коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, со која примањата на државните функционери се зголемува за 78 насто. За Пендаровски е неприфатливо кога се ограничуваат цените, да се зголемуваат платите на функционерите“, изјави Димитар Ковачевски - претседател на Владата.

„Одлуката на Уставен суд мора да се почитува затоа што непочитувањето на одлуката на Уставен суд е кривично дело. Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежност, платите на функционерите од мене па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое се сега, со измена на коефициенти, со измена на основица, поинаку не можеме да излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација кога замрзнуваме цени на основни продукти, ние си ги зголемуваме платите“, изјави Стево Пендаровски – претседател на државата.

Министерот за здравство, исто како и шефот на државата сè уште не ја зел зголемената плата. Меџити вели откако ќе легне на неговата сметка ќе размисли, дали разликата ќе ја задржи или ќе ја донира.

„Не сум ја зел новата плата и не знам воопшто колку е платата. Дали разликата ќе ја донирате? Сè уште не сум ја зел не знам и не ме интересирал тој дел, кога ќе биде платата, ќе видам, ќе размислам и ќе постапам“, рече Фатмир Меџити – министер за здравство. 

Одлуката за зголемување на платите е во сила од 23 март, тоа значи дека и за последната недела од минатиот месец, државните функционери ќе имаат повисоки примања. На дел од нив платата ќе им биде повисока од 2.500 евра, други се откажаа од зголемувањето и најавија дека ќе ја донираат разликата.

 

Андријана Ѓурческа