Кадровски смени

Ковачевски поднесе оставка, Стефанов нов директор на ЕСМ

06.04.2023 16:15

Васко Ковачевски заминува од директорското столче во ЕСМ. Поднел оставка од лични причини. На заминување се пофали, а доби и признание од премиерот за успешно справување со енергетската криза. На местото на Ковачевски ќе дојде Васко Стефанов, кој на таа позиција се сели од Пошта…

Васко Ковачевски повеќе нема да раководи со државната АД ЕСМ. Поради лични причини се одлучил да поднесе оставка од функцијата, но соопшти дека останува во компанијата. Сакал повеќе да му се посвети на семејството и децата во нивниот иден раст и развој.

Прашан дали успешно ја извршил менаџерската функција во ЕСМ одговори дека најголем доказ е тоа дека во земјава немало ниту еден ден рестрикции со струја и топлинска енергија.

Презентирајќи го финансискиот извештај за лани, Ковачевски посочи дека ЕСМ успеала да ги стави во функција сите капацитети кои се стари повеќе од 40 години, со што производството на струја се зголемило за 26,7 проценти, а ЕСМ работела со добивка од 41 милион евра.

На местото на Ковачевски, Владата ќе го назначи Васко Стефанов, актуелниот директор на Македонски пошти.

Во 2019-та Васко Ковачевски беше избран за генерален директор на АД ЕСМ. На функцијата дојде од местото директор на РЕК Битола каде што беше назначен од јануари 2018-та.

Викторија Милевска