Македонија со туристичка офанзива на францускиот пазар

09.05.2014 17:17

Професионалните туристички работници во Франција се повикани да ја искористат можноста која ја пружа „новата и оригинална“ туристичка дестинација – Македонија, пишува „Котидиен ди туризм“. Отворањето на линијата Париз-Бове-Скопје е само прилика да се освои публиката од парискиот регион...

„Котидиен ди туризм“ им објаснува на читателите дека Македонија се наоѓа во срцето на Балканот, дека таа е претежно планинска земја со дива убавина и дива фауна прошарена со 43 езера, како најстарото езеро во Европа – Охридското, кое заедно со Преспанското се предводниците на туризмот. Културната разновидност на земјата се изразува и преку 4300 археолошки локалитети од сите периоди на  историја... И пред се Охрид - „Ерусалим на Балканот“.

280 сончеи денови ја претвораат Македонија во привилегиран терен за сите видови активности во природата, но и за безделничење.

И на крајот, тука е и здравата и вкусна гастрономија на Македонија, која како и славната салата со истото име е разновидна.

Отворањето на директните летови на Виз Ер меѓу Париз-Бове Скопје е прилика за да се освои посебно публиката од парискиот регион која е во потрага на нови дестинации за викендите или на една недела и која е прилагодена на штедливото патување "fly & drive".

Во текот на 2014 година, според „Котидиен ди туризм“ Македонската агенција за Промоција и подршка на туризмот, преку француската агенција „ АТРАКТ“ приоритет им дава на операциите кои треба да изградат „имиџ“ за туристичката дестинација Македонија.

Новото издание на првиот франкофонски туристички водич за Македонија "Petit Futé Macédoine" се очекува за еден месец.

Со ова се отвора можност нашата земја да им биде подобро претставена на французите.

 

Тони Гламчевски