СЗО

75-та годишнина на СЗО, започнува кампањата „Здравје за сите“

07.04.2023 08:46

На својата 75-та годишнина, која се совпаѓа со Светскиот ден на здравјето, Светската здравствена организација (СЗО) ја започнува целогодишната кампања „Здравје за сите“. За да се обезбеди здравје за сите, потребни се достапни, висококвалитетни здравствени услуги, силна здравствена работна сила која обезбедува нега фокусирана кон пациентите, како и креатори на политики кои се посветени кон вложување во универзална здравствена покриеност...

На својата 75-та годишнина, која се совпаѓа со Светскиот ден на здравјето, Светската здравствена организација (СЗО) ја започнува целогодишната кампања „Здравје за сите“. За да се обезбеди здравје за сите, потребни се достапни, висококвалитетни здравствени услуги, силна здравствена работна сила која обезбедува нега фокусирана кон пациентите, како и креатори на политики кои се посветени кон вложување во универзална здравствена покриеност.

„Годишнината на СЗО претставува можност да се осврнеме кон постигнатите успеси од областа на јавното здравје во минатото, но и да се фокусираме на соочување со идните предизвици со наука, решенија и солидарност“, истакна д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во Северна Македонија и в.д. шефица на канцеларијата на СЗО во Скопје.

СЗО ја поддржува Северна Македонија во јакнењето на примарната здравствена заштита, која е темелот на јавното здравство. Преку техничка експертиза и поддршка, СЗО ја поддржува државата во надминувањето на идентификуваните предизвици кои го попречуваат пристапот на луѓето до услуги за здравствена заштита. „Нашата цел е сите граѓани во Северна Македонија да имаат пристап до висококвалитетна здравствена заштита, без оглед на местото на живеење или социоекономскиот статус“, додаде д-р Јохансен.

СЗО истовремено работи со Министерството за здравство во насока на заштита, поддршка и зголемување на здравствената работна сила како стратешки приоритет. Ова вклучува вложување во едукацијата и развојот на вештините на здравствените работници за да се подобри квалитетот на здравствените услуги, како и унапредување на работните можности за здравствените работници.

Препознавајќи ја важната улога на Министерството за здравство во постигнувањето на овие цели, СЗО го поддржува и јакнењето на владејачките и управувачките функции на Министерството. Работата на СЗО во Северна Македонија вклучува и поддршка за здравјето на мајките и децата, намалување на факторите за ризик за незаразни болести со цел превенција и контрола, ментално здравје, имунизација, подготвеност за итни состојби и одговор и голем број други области, стои во соопштението од СЗО.