Протекоа тајни воени планови на САД за Украина
Шефот на руската дипломатијата Лавров во Анкара на разговори со неговиот турски колега Чавушоглу. Во фокусот Украина. А таму, жестоки битки. И Киев и Москва тврдат дека се во офанзива. „Њујорк Тајмс“ објави тајни документи со детали за плановите на САД и НАТО за помош на Украина за пролетната офанзива...

Шефот на дипломатијата на Русија, Лавров во Анкара на разговори со неговиот колега Чавушоглу. На маса – ситуацијата за Украина, договорот за жито, енергетските прашања, како и нормализацијата на односите Нагорно-Карабах и дијалогот Анкара-Дамаск. Во истовреме, на терен – двете страни во офанзива. Москва известува за смртоносни напади во Доњецк.
„На почетокот имаше две експлозии, па тишина. Потоа следеше третиот удар по што побегнав во бункерот, момците веќе беа таму“, рече Иван Сорокин, вработен во работилница во Доњецк.
Во Херсон, пак, нападната база од руската авијација. Сирени за воздушна опасност се огласија и во Сумската и Черниговската област. Најголеми битки и натаму се водат за Бахмут.
„Слушам свиреж од ракета, доаѓа оддалеку, а потоа следната удира силно. Сè се отвора, паѓа, се руши. Куќата ни е оштетена, а татко ми е повреден“, рече Андриј, жител на Бахмут.
Британското разузнавање соопшти дека е многу веројатно руските сили да влегле во центарот на Бахмут и го окупирале западниот брег на реката Бахмутка. Украина тврди дека сè уште ја имаат контролата и дека русите скапо ги плаќаат напорите за успех. За Путин, потребно е украинските сили да се туркаат назад за да се запрат нивните напади.
„Украинските сили не ги сожалуваат своите војници. Тие се крајно цинични и сурови. Затоа, нашата цел е, да ги вратиме на растојание од кое нема да можат да ни нанесат штета“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Киев, пак, најавува нова голема офанзива, но не открива детали. По борбените авиони од Полска, Зеленски доби нови ветувања од Варшава за воена и економска соработка.
„Одбраната и заштита на нашиот народ, отпорноста на нашите војници е прашање број еден на сите преговори и состаноци. Оружје, муниција и нови одбранбени системи за Украина, и благодарам на Полска“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, „Њујорк Тајмс“ објави дека тајни документи со детали за плановите на САД и НАТО да помогнат во подготовката на Украина за пролетната офанзива против Русија, се објавени на платформи на социјалните мрежи. Пентагон го проценува пријавеното нарушување на безбедноста.
Бојана Крстевски
