Уставни измени по македонски модел
Секретаријатот за европски прашања најдоцна до понеделник ќе го дефинира претставникот во работната група за уставни измени. Вицепремиерот Маричиќ ги повика сите партии да учествуваат во процесот. Смета дека е можно заедничко, најдобро решение и да се изгради македонски модел за вградување на заедниците што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот...

Најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од Секретаријатот за европски прашања кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Наместо ставови да се изнесуваат секој ден на прес-конференции, работната група, рече Маричиќ, е вистинското место за дискусија, за размена на идеи и дефинирање на Преамбулата и двете точки што треба да се променат во Уставот. Ова прашање порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат - порача Маричиќ.
„Поодговорно и попрактично е сите политички партии да земат учество. Да не се плашат, еве јас би ги охрабрил да не се плашат, бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, па тие ставови да ги изнесат во работната група и да видиме дали може да дојдеме до едно заедничко решение, македонски модел за и овие три заедници да влезат во Уставот“, изјави вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ очекува од Брисел прецизна временска рамка и рок за членство, кој ќе биде реално остварлив. Маричиќ и неговата српска колешка Мишчевиќ оптимисти за членството во ЕУ.
Маричиќ и Мишчевиќ потпишаа меморандум за соработка во областа на евроинтеграциите, кои ќе овозможат размена на знаења и искуства меѓу преговарачите и со тоа поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ.
Марина С. Тонева
