Македонија

Ковачевски: Се залагаме и работиме за унапредување на ромската заедница

07.04.2023 13:00

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на 8-ми април Меѓународниот ден на Ромите, денеска во Владата се обрати на настан на тема: „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија“...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на 8-ми април Меѓународниот ден на Ромите, денеска во Владата се обрати на настан на тема: „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија“.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна, „Драго ми е што денеска на оваа свеченост по повод Меѓународниот ден на Ромите сме собрани различни чинители од нашето општество, но сите споделуваме исти вредности како што се вредностите на еднаквост, почитувањето на националните малцинства и вложувањето заеднички напори во остварување на правата, кои се многу важни не само за Ромите, туку за сите национални малцинства во Северна Македонија.

Убаво е да се потсетиме на годишнината од Првиот светски ромски конгрес во Лондон, од 1971 година. Тогаш беа донесени важни одлуки за положбата на ромското национално малцинство низ Европа, значајни одлуки за неговиот идентитет и самосвест, за јазикот и културата на Ромите. Унапредувањето на позицијата на ромската заедница во нашата држава е во фокусот на оваа Влада.

Мојата лична заложба како човек пред сè, и како премиер е да изградиме општество еднакво и кохезивно во чии темели се довербата и меѓусебната соработка. Општество во кое граѓаните и заедниците се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен и професионален развој. Затоа се залагам во партнерска и искрена соработка со сите општествени чинители, државни, невладини, граѓански организации, здруженија да ја унапредуваме положбата на ромската заедница во нашата држава.

Како резултат на Берлинскиот процес, во јули 2019 година, на Самитот во Познањ, нашата држава заедно со земјите од регионот се обврзаа да ја подобрат состојбата на Ромите и да постигнат конкретни резултати во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата низ патот за пристапување во Европската унија.

Посебно ми е драго што нашите сограѓани Роми имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Владата на Република Северна Македонија за Поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Роми за 2023 година издвои средства за конкретни проекти.

Заложбата на Владата која ја предводам е да го унапредиме овој тренд, создавајќи можности за доследно спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите и Националните акциски планови. За подобра интеграција на Ромите во нашата земја, како клучно ќе го издвојам задржувањето на најмладите во образовниот систем, за што лично ќе се залагам.

Ако успееме во тоа, тогаш ќе решиме многубројни проблеми со кои се соочува ромската заедница. Мораме да ја задржиме позицијата во регионот, каде се издвојуваме како земја позитивен пример по бројот на студенти Роми коишто се активни во државата и во светот.

Република Северна Македонија како идна членка на ЕУ, има обврска да подготвува законски решенија по стандарди на Европската Унија и нивно хармонизирање со меѓународни норми и стандарди. Затоа како Влада се залагаме и за зголемување на бројот на Роми кои се вклучуваат на пазарот на труд. Тоа и го постигнавме преку Оперативната програма за активни мерки од Министерството за труд и социјална политика, во поттикнување на претприемништвото кај ромската заедница.

Голем ефект дадоа и мерките на Владата за поддршка на претприемачите, со што овозможивме субјектите раководени од Роми да може да ги користат овие мерки за формализација или унапредување на бизнисот. Оваа година почна да функционира и инвестицискиот фонд РЕДИ, за којшто Владата потпиша посебен меморандум за мечирање и синергија на активностите со граѓанскиот сектор, во однос на развојот на претприемништвото кај ромската заедница.

Во оваа насока е и нашата отвореност и соработка со програмата на Ромактед од Советот на Европа, којашто овозможува имплементација на Стратегијата на Ромите на локално ниво во 15 општини. Преку ИПА проекти, соработка со УСАИД, владата на САД, локалните заедници и ромскиот граѓански сектор преку соработката со ЕУ спроведуваме бројни проекти. Во оваа прилика ќе го издвојам домувањето каде што посебна таргет група е ромската заедница. Проектите во доменот на домувањето, легализацијата, социјалното домување, инвестициите во комуналната инфраструктура се поголеми инвестиции на подолгорочен план, но тоа не значи дека нема да се реализираат.

Почитувани наши сограѓани Роми бидете горди на потенцијалите што ги имате. Јас како премиер и Владата ќе продолжиме со позитивните практики како би ги зголемиле инвестициите во образованието, вработувањето, домувањето. Ќе се залагаме за квалитетен процес и развој на ромската заедница и целото општество.

Ви го честитам 8 април Меѓународниот ден на Ромите, да сте живи и здрави!“, стои во соопштението од Влада.